
По успешната промоција на македонските винарии минатата недела во Хонг Конг, овие денови македонското вино се промовира на саем во Шангај, НР Кина.
Како што соопштуваат од винопроизводители, учеството на саемот и Националниот павиљон и овој пат се поддржани од страна на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија преку програмата за поддршка на извозот на македонски производи, во чии рамки се обезбеди финансиска поддршка за простор и штанд од 90м2 за македонски компании производители на вино.
Заедно со останатите вински земји во светот, десет македонски винарии (Тиквеш, Сковин, Стоби, Бовин, Езимит, Далвина, Камник, Попов, Имако и Попова Кула) организирани преку Здружението Вина од Македонија учествуваат на интернационалниот саем за вино и жестоки пијалоци ProWine China каде здружено се промовираат пред професионалната публика на Шангај – увозници, дистибутери, преставници на ХоРеКА сегментот, вински критичари, новинари и сомелиери. Саемот се одржува од 12ти до 14ми Ноември 2014 на кој своите вина ги презентираат повеќе од 1000 изложувачи од 20 земји од светот и истиот привлекува повеќе од 20.000 увозници и дистрибутери на вино.