
По налог на Општина Центар денеска почна да се урива објектот каде што се наоѓаше маркетот „Тедико“, на улицата Елисие Поповски во населбата Водно.
Објектот е во сопственост на „Славија“ и како што велат од општината, бил од времен карактер и за него било поднесено барање за легализација, но истото било одбиено.
„Славија поднесе барање на легализација на времениот објект, но од страна на општина Центар тоа беше одбиено. Славија имаше рок од 3 месеци да го урне објектот, но тоа не го направи. Затоа денеска, по истекот на законскиот рок започнавме со уривање на објектот“, вели Катерина Цановска Арсовска, портпарол во општина Центар.
Таа додава дека за уривањето на објектот, Славија треба на општината да и’ плати надоместок за извршување.
Според Деталниот урбанистички план, објект на „Славија“ се урива за оваа парцела да се урбанизира, како и да се прошири улицата. Од општина Центар потенцираат дека на оваа локација не е предвидена изградба на никаков објект.