Четири деца хоспитализирани по пожарот во Чаир

Најмалку 11 лица се повредени, а шестмина се хоспитализирани по денешниот пожар во зграда во скопски Чаир. Сите се надвор од животна опасност.

На Детската клиника биле примени четири деца на возраст од 9 месеци до 9 години кои, според последните информации, се исто така надвор од животна опасност. Децата заедно со нивната мајка допатувале од Турција во посета на роднини во Скопје.

Децата се примени на Детската клиника заедно со мајката со знаци на индоксикација со јаглероден моноксид.

– Поголемите братчиња на возраст девет и шест години на беа стабилни, додека другите две беа во една таканаречна сопорозна состојба. Ги ставивме веднаш на кислород. Почнавме со третирање со течности, со инфузија и сè што треба. Брзо се опорави и сестричката, а бебето сега го исклучуваме од кислород, изјави директорката на Клиниката Аспазија Софијанова.

Еден од пациентите кој се здобил со изгореници е хоспитализиран на Клиниката за токсикологија, а неговата здравствена состојба е стабилна. Пациентот кој се здобил со исеченици е хоспитализиран на Клиниката за хируршки болести „Свети Климент Охридски“.

На местото на пожарот во Чаир интервенирале четири екипи на итната медицинска помош.