
По повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука премиерот Никола Груевски упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија.
Во честитката Груевски нагласува дека унифицирањето и создавањето на модерна азбука преставува значаен чекор кон писмениот и културен развој. Тоа е и клучот за развој и растеж во сите процеси, културни, економски, политички и општествени.
„Денешниот празник е значаен ден за сите припадници на албанската етничка заедница во Република Македонија, но и неговото одбележување е значајно за развој на мултиетничноста и негувањето на таквите вредности. Преку нивното празнување ја негуваме толеранцијата, го валоризираме меѓусебното почитување кое како држава ни е значајно, а споделувајќи ги особеностите на заедниците ние создаваме модел кој треба да биде пример како по својата уникатност така и по неговите карактеристики на заеднички соживот, почитта, и традицијата на меѓусебно разбирање. Таквите вредности треба да се длабоко вкоренети меѓу граѓаните и нераскинлив дел од постоењето на Република Македонија“ , стои во честитката.
Груевски на сите припадници на албанската заедница во Република Македонија, им го честита 22 ноември – Денот на албанската азбука и им посакува убави празнични денови !