Полицаец уби момче затоа што мавтало со лажен пиштол

Полицаец на игралиште во американскиот град Кливленд уби 12-годишно момче бидејќи мавтал со пиштол, за кој подоцна се покажало дека не е вистински, јави Би-Би-Си.

Како што пренесе МИА, полицаецот испукал два куршуми во детето, откако тоа одбило да ја послуша наредбата да се предаде и да ги крене рацете во воздух.

Момчето било пријавено во полиција преку телефон дека им се заканува на луѓе со пиштол, но дека не е познато дали станува збор за вистинско оружје.

Според соопштението на полицијата, момчето е погодено со два истрели од огнено оружје и е пренесено во болница, каде починало од повредите.

– Момчето не го вперило пиштолот, ниту се заканувало директно на полицијата, се наведува во соопштението.

Пиштолот на детето изгледал како вистинско полуавтоматско оружје, бидејќи била отстранета безбедносната портокалова лента. Двајца полицајци се суспендирани, а истрагата е во тек.