
Македонските компании СЕЕД Македонија, Кодвел Анлимитед, Комфи-Ангел, Дајнерс клуб Македонија, Дуна компјутери, Ај-воут, Макстил, Порше Македонија, Прилепска пиварница и ПЗУ Ремедика, се прогласени за национални шампиони и претставници на Македонија на Европските бинис награди, на церемонијата што вчера се одржа во хотел Арка.
Десетте македонски претставници се во друштво на 709 национални шампиони од 33 земји во Европа, од вкупно 24000 компании кои учествувале.
Според извршниот директор на на Европските бизнис награди Адриан Трип, наградите им помагаат на компаниите да добијат поголема видливот на меѓународниот пазар, но и да направат нови бизнис контакти.
„Наградата носи инвеститори и луѓе кои се заинтересирани да работат со победниците. Воедно, преку програмата учесниците самите се оценуваат и сфаќаат кои се нивните предности и што ги прави успешни, а на што треба да работат во иднина“.
Организаторот на настанот, Војдан Јорданов од ЦЕНСУМ и РСМ Интернационал, истакна дека ваквите компании се светла точка на македонската економија.
„Компаниите како нив го предизвикуваат пазарот и се причина за раст. Тоа се компании кои се доволно дрски да гледаат напред кога сите гледаат назад“.
Честитки за компаниите и нивната работа упатија и Глигор Бишев, извршен директор на Шпаркасе банка, како и проф. д-р Абдулменаф Беџети, кој истакна дека успехот на македонските компании е уште позначаен, имајќи предвид дека тие функционираат во економски амбиент кој е многу поразличен од тој во другите европски земји.
Националните шампиони од Македонија за Европските бизнис награди се избрани во неколку категории и тоа – претприемаштво, увоз/извоз, грижа за потрошувачите, иновации, корпоративна одржливост, работодавач на годината и бизнис на годината.
Сите македонски шампиони во следната фаза ќе се натпреваруваат во нивната категорија со компании од цела Европа. Дополнително, Европските бизнис награди ќе ги направат достапни за јавно гласање и видеата за националните шампиони од Македонија, а онаа компанија која ќе добие најголем број на гласови ќе биде прогласена за национален шампион од јавноста. Јавното гласање почнува од 6 јануари 2015 и ќе се одвива на интернет страницата на Европските бизнис награди.
Европските бизнис награди се спроведуваат по осми пат, а оваа година учествуваа над 24 илјади бизниси од 33 европски земји, сите препознаени по нивната успешност, добри практики и иновативни методи на работа.