
Апелацискиот суд ја потврди пресудата за случајот „Агент“, според која поранешниот разузнувач Слободан Богоевски, адвокатот Владо Пешликоски и претставникот на „Меркатор“, Митја Валиќ, се осудени на две години затвор. Три години робија е потврдената казна за адвокатот Васко Томановиќ кој одговара за финансиски малверзации.
Повисокиот суд ја потврди и двегодишната условна казна на последнообвинетите кои нема да завршат зад решетки ако во наредните 4 години не сторат ново кривично дело.
Шесттемина обвинети се товарат дека со лажни фиктивни договори и фиктивни фирми ќерки на кипарски „Централ балкан инвестмент“ и словенечки „Меркатор“ переле пари.
Обвинетите го негираа обвинението и тврдеа дека со договорот за купопродажба на земјиштето во близина на Спортскиот центар „Борис Трајковски“, ја спасиле Македонија од тужба пред арбитражен суд бидејќи продала земјиште што било за денационализација.