
За смена на државниот грб не е потребно „отворање“ на Уставот на Р. Македонија. Всушност, во Уставот во неговиот член 5 е утврдено дека „државните симболи на Република Македонија се грбот, знамето и химната кои се утврдуваат со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“, пишува порталот Република.
Од тука, за предлогот од Владата за новио државен грб, по јавната расправа, потребно да се измени Законот за грбот, со двотретинско мнозинство од пратениците, односно да се запази бадентеровиот принцип.
Второто прашање кое се отвори по најавата за измена на државниот грб беше дека граѓаните повторно би биле изложени на трошок заради промена на личните документи, на пример на пасошите. Сепак, измената на грбот нема да го создаде тој ефект бидејќи сите исправи ќе бидат во важност до истек на нивната валидност односно наведениот рок на важење.
Грбот на Република Македонија е ставен во законска рамка со Законот за грбот, изгласан во 2009 година. Со тој закон на старото решение за грбот беше отстранета само петокраката на врвот. И со таа измена, Македонија всушност остана со решението за државен грб утврден во членот 8 од Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 1974 година, како држава чиј што државен грб е еден од двата во Европа кои се со пејзажен карактер.
Првиот обид за решавање на проблемот со државниот грб потекнува од 1992 година, кога е даден предлог државниот грб да биде базиран на знамето, црвено, 16-крако сонце од Кутлеш, со додаток на стилизирана буква „М“ и со брановидни линии во основата. Овој предлог не доби поддршка во Собранието поради проблемот со Грција. Подоцна од истите причини беше сменето и државното знаме.
За разлика од грбот, знамето и химната како државни симболи се утврдени со закони и тоа Законот за знамето на Република Македонија од 1995 година и Законот за химната на Република Македонија од 1992 година.