Од куќа во тетовско Боговиње сопственост на И.З. (25) бил украден златен накит во вредност од околу 15 илјади евра. Тешката кражба била извршена вчера во периодот од 19 часот и 30 минути и 21 часот, информираше денеска портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски.
Според пријавата засега непознати сторители го искористиле моментот кога немало никого дома по што со погоден клуч-калауз ја отвориле влезната врата од куќата.
Откако влегле внатре, појасни Јосифоски, целосно ја пребарале внатрешноста и од фиока во спалната на катот одзеле поголема количина златен накит чија вредност сопственикот ја проценува на околу 15 илјади евра.
– Незабележани од никого крадците со пленот избегале. Полицијата извршила увид и работи на откривање и приведување на сторителите, рече Јосифоски.