Продолжија демонстрациите низ САД

Демонстрации поради одлуката на големата порота во Њујорк да не биде обвинет полицаец кој при апсење задушил невооружен афроамериканец, продолжија низ САД, соопшти МИА.

Во Калифорнија избија немири кога маскирани демонстранти почнаа да кршат прозорци и излози и да фрлаат врз полицијата со разни предмети, јавуваат американски медиуми.

Портпаролка на полицијата изјави дека еден полицаец е повреден синоќа откако дел од демонстрантите фрлале врз полицајците со камења и други предмети. Таа додаде дека се ограбени неколку фирми. Полицијата употреби солзавец и чадни бомби да ги растера демонстрантите.

Илјадници демонстранти мирно протестираа во Њујорк и други места откако во средата големата порота соопшти дека нема да има обвинение за полицаецот белец кој е одговорен за смртта на афроамериканецот Ерик Гарнер кој го задушил при апсење.

Гарнер бил астматичар и последните зборови што ги изговорил биле: Не можам да дишам. Неговото апсење поради продажба на шверцувани цигари е снимено со камера.

Останатите протести почнаа претходно откако големата порота во Мисури одлучи да не покрене обвинение за белец полицаец кој уби невооружен 18-годишен црнец. Протестите во Њујорк беа четврти по ред додека вчера во Сиетл стотици луѓе мирно протестираа од центарот на градот до седиштето на полицијата.