
Битката за „сребрениот трофеј“ во февруари ќе започне спектакуларно во елиминациската фаза, откако ждрепката денеска во Нион, сакаше во осминафиналето да ги спои Пари Сен Жермен со Челси, а Манчестер сити со Барселона, два меча кои се реприза од елиминациските рунди во минатата сезона, објави порталот „Спортмедиа“.
ПСЖ и Челси играа во четвртфинале, а Манчестер сити и Барселона во осминафинале, додека третата возбудлива пресметка е таа на Јувентус и Борусија Дортмунд, кои ќе го репризираат финалето од 1997 година.
Европскиот првак Реал Мадрид доби лесен противник во бундеслигашот Шалке 04, а Баерн Минхен, еден од главните конкуренти го избегна Арсенал, па за четвртфинале ќе се бори против Шахтер. Арсенал, за разлика од годините наназад, конечно доби полесен противник и тоа во Монако.
ДВОЈКИ ЗА ОСМИНАФИНАЛЕТО
ПСЖ – Челси
Манчестер сити – Барселона
Баер Леверкузен – Атлетико Мадрид
Јувентус – Борусија Дортмунд
Шалке – Реал Мадрид
Шахтер – Баерн Минхен
Арсенал – Монако
Базел – Порто
Првите натпревари од осминафиналето ќе се одиграат на 17/18 и 24/25 февруари, а реваншите се закажани за 10/11 и 17/18 март.
Финалето се игра на 6 јуни идната година на Олимпискиот стадион во Берлин.