
Здруженијата на родители на деца со ендокринолошки заболувања „Раст“, на хемофиличари, за цистична фиброза и Асоцијацијата за детски дијабет на Македонија-Баланс МК денеска го посетија Институтот по белодбробни заболувања – Козле и поделија повеќе од 50 новогодишни пакетчиња на децата кои се на лекување во таа јавна здравствена установа.
Директорот на Институтот, Оливер Зафировски изрази благодарност и посочи дека најголем број од децата во таа јавна здравствена установа за Нова година ќе си заминат во своите домови, а потешко болните ќе останат во Институтот.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека изминатиот викенд имало многу деца на Институтот. Во моментов, потенцира, имаме 95 деца на Институтот и 100 до 150 деца кои доаѓаат.
– Очекуваме за претстојните новогодишни и божикни празници бројот на деца да се намали. Најчесто доаѓаат деца со респираторни болести, како и голем број други хронични заболувања, белодробна патологија кое е на ниво на цела Македонија, посочи Зафировски и упати апел до родителите: децата да бидат дома, да пијат што повеќе течности, а кога е убаво времето да излезат надвор.
Александар Петровски од Здружението на родители на деца со ендокринолошки заболувања „Раст“ од име на четирите здруженија се заблагодари за поддршката која им ја даваат директорот Зафировски и медиумите и посака среќни празници, здравје, среќа и успех.