Во 2014 поддршка за превод на 30 дела од македонски автори

Министерството за култура ќе го субвенционира преводот на уште десет македонски наслови за кои се заинтересирале странски издавачи. Тие се пријавени во ноември и декември во рамки на конкурсот за 2014 година кој беше отворен во текот на целата година, објави МИА.

Со нив во изминатата година вкупно се прифатени 30 пријави за превод на дела од македонски автори. Идната недела ќе биде објавен конкурсот за 2015 година кој, исто така, ќе биде отворен цела година.

Од најновите резултати, на руски јазик ќе бидат преведени романите „Аквамарин“ од Тања Урошевиќ  и „Дваесет и првиот“ од Томислав Османли (издавач: „Рудомино“ од Москва), на словенечки јазик романот „Ќерката на математичарот“ на Венко Андоновски (издавач: „Луд литература“ од Љубљана), на хрватски „Лифтот (не) е за двајца“ од Христо Петрески („Меандер медиа“ од Загреб), на бугарски романот за деца „Збркана сказна“ од Киро Донев („Мултипринт“ од Софија), на италијански јазик романот „Резервен живот“ од Лидија Димковска („Атмосфере Либери“ од Милано), на дански јазик романот на Влада Урошевиќ „Мојата роднина Емилија“ (издавач: „Турбине Форлагет“ од Орхус), на ерменски јазик романот „Нишан“ од Блаже Миневски („Антарес ЛТД“ од Ереван). Од Миневски ќе биде преведен и  романот „Јас, Тито и Мики Маус“ на српски јазик (издавач: „Арка“ од Смедерево), а на српски ќе биде преведена и книгата „Балканскиот мегаетникум – националните доктрини на македонските соседи“ на Димитар Мирчев (издавач: Европски центар за мир и развој од Белград).

Последните резултатите од конкурсот за 2014 година денеска на прес-конференција ги соопшти министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска. Таа информираше дека во 2014 пристиганале 50 пријави од  издавачи од 19 земји, а Министерството за култура го поддржа преводот на 30 дела на 23 македонски автори кои ќе бидат издадени на 15 странски јазици.

Конкурсот за финансирање преводи од странски издавачи беше воведен на почетокот на 2014 година. Тој е стимулативна мерка содржана во Националната стратегија за развој на културата за периодот 2013-2017 и е  една од најкрупните реформи во издавачката дејност.

– Досега тој даде одлични резултати  и обезбеди  многу посоодветен третман на нашите автори кај странските издавачи. Министерството за култура го избра вистинскиот модел за поддршка на македонските автори  и македонското творештво и неговата афирмација и промоција во меѓународен контекст. Апликациите на странските издавачи го потврдија и интересот на странската читателска јавност за македонското литературно творештво кое несомнено квалитативно се издвојува во европскиот културен простор, рече Канческа-Милевска на прес-конференција на која присуствуваа дел од авторите кои ќе бидат преведени.

За преводот на сите 30 дела избрани во 2014 Министерството за култура издвои вкупно 3,5 милиони денари. Се субвенционира преводот на делото, а печатењето и тиражот ги финансира странскиот издавач. Просечниот износ за превод на прозно дело е околу 3.000 евра, а највисокиот износ во 2014 бил 3.600 евра.

Нове Цветановски, член на комисијата која ги селектираше пристигнатите пријави, рече дека биле прифатени сите што биле комплетни. И сите износи за поддршка на преводи кои комисијата ги предложила, Министерството за култура ги прифатило. Износите што ги обезбедува Министерството, рече тој, се солидни и меѓу најдобрите во Европа. Според него, тоа ќе биде мотив повеќе за странските издавачи да објавуваат дела на македонски автори.

– Овој конкурс е отворена врата за македонската литература која досега беше повремено подотворена, преку инцидентни поддршки. Со овој конкурс, како никогаш досега, е обезбеден излез на македонската литература во светот, рече Цветановски.

– Од 30-те македонски дела чии преводи се субвенционирани од државата, две се веќе објавени и денеска беа претставени – „Храпешко“ на Ермис Лафазановски на руски и „Асхаровци“ на Трајан Петровски на српски јазик. Останатите 28 дела, како што соопшти министерката за култура, ќе бидат преведени и објавени до крајот на првата половина од 2015.

Преводот на романот на Влада Урошевиќ (Мојата роднина Емилија) на дански и на Блаже Миневски (Нишан) на ерменски ќе бидат први преводи на прозни македонски дела на тие јазици. Авторите очекуваат дека нивните романи ќе ги отворат вратите за преводи на дела од други македонски автори во Данска и во Ерменија.

Писателите кои присуствуваа на прес-конференцијата – Влада Урошевиќ, Венко Андоновски, Ермис Лафазановски, Блаже Миневски, Тања Урошевиќ – ја пофалија стимулативната мерка и потегот на Министерството за култура оценувајќи дека е проект со кој е најден вистинскиот пат за афирмација на македонската литература во светот и чии резултати ќе бидат видливи по неколку  години.

фото: МИА