Наставниците од Ресен нема да го поддржат најавениот штрајк на СОНК

Наставниците од Ресен нема да го поддржат генералниот штрајк на СОНК најавен за 20 јануари. Како што велат градоначалникот Ѓоко Стрезовски и директорите на петте основни училишта и средното општинско „Цар Самоил“, наставата на првиот учебен ден од второто полугодие ќе почне редовно.

– Над 250 наставници и останатиот персонал во преспанските училишта речиси едногласно се изјаснија против организирањето и реализацијата на најавените активности на СОНК, со што ја потврдија определбата, отворените прашања во образованието да се решаваат исклучиво во рамките на институциите на системот, вели Стрезовски.

Согласно најновите законски измени во образованието, доколку некој од вработените одлучи да се приклучи кон најавениот штрајк, раководните органи на училиштата преку Агенцијата за вработување ќе обезбедат соодветна замена со цел наставата да се одвива редовно и непречено.