
Украинскиот премиер Арсениј Јацењук денеска прогласи вонредна состојба во Доњецката и Луганската област во источниот дел на земјата, поради ескалацијата на судирите со проруските сили, јавуваат украинските медиуми, пренесува МИА.
Јацењук на седница на владата, исто така, нареди поради влошувањето на состојбата во источниот дел на земјата целата територија на Украина да биде во состојба на висока подготвеност, соопшти украинската Влада.
Во Источна Украина изминатите неколку недели дојде до нагла ескалација на ситуацијата, вклучително гранатирање на Маријупољ за време на викендот, при што загинаа десетици луѓе.
Амбасадорите во Украина и 28 земји членки на НАТО денеска ќе одржат вонредна седница на барање на Киев, на која ќе се разговара за најновите судири во Источна Украина.
Освен тоа, вонредна седница на тема Украина е закажана и во ОБСЕ, како и во Советот за безбедност на ОН.