
Комисијата за верификација на фактите на денешната седница прогласи три лица за соработници на поранешните тајни служби, а едно за наредбодавец, пренесе МИА.
Две лица од соработниците, информираат од КВФ, се починати, од кои едниот 28 години соработувал под псевдоним „ЈАНЕ“, а бил секретар на Општинската конференција на сојузот на социјалистичкиот работен народ на Кичево.
Другиот бил соработник и поранешен командир на поранешната полициска станица во Кичево.
Комисијата за лустрација денеска вторпат прогласи едeн поранешен амбасадор за наредбодател и соработник. Во првата постапка пред Управниот суд, судот ја прифати неговата тужба, со што го отфрли решението на Комисијата поради слабости односно недоволно образложени документи.
Во својот дополнителен ангажман и истражување, членовите на Комисијата откриле нови документи и повторно го прогласија за наредбодател и соработник. Меѓу другото, посочуваат од Комисијата, тој наредувал и одобрувал дејствија спрема лица кои наводно настапувале од позиции на македонски национализам, граѓанска десница односно анархолиберализам или пак од позиции на Инфорбирото или имале врски со Венко Марковски.
– Првпат се најдени два документа пишувани со ракопис на ова лице од кои недвосмислено се гледа дека поранешната тајна полиција водела црна книга на новинари и писатели. Двата документа се пронајдени во личните досиеја на новинарите и писателите Петар Ширилов и Бранко Варошлија, подвлекуваат од Комисијата за лустрација.
Но, покрај документите од првата постапка кога беше прогласен за соработник, сега се обезбедени нови дополнителни 80 – тина страници и уште најмалку толку ќе бидат ставени настрана за да не биде оптоварен предметот.
На неговата листа на интерес со „лично запазување“, тој се интересирал меѓу другите за Душко Наневски, Борислав Ѓорчев, Бошко Смаќоски, Ацо Алексиев, Бранко Гапо, Димитар Солев, Анте Поповски, Миле Неделковски, Васил Куноски, Насте Стојковски, Божин Павловски, Миле Корубин….
– Комисијата не можеше да се согласи со тоа вакво лице како претседател на Друштвото на писатели на Македонија да го стави под директна контрола друштвото на тајната полиција, а со тоа ги спречил демократските процеси во државата, да не поведе повторно постапка, појаснуваат од Комисијата за лустрација.
За наредбодавец денеска е прогласен и поранешен републички секретар за внатрешни работи, кој издавал наредби за следење лица, потоа за преземање мерки за контрола на комуникации и преписки и други поштенски пратки со што се кршени човековките права и слободи од идеолошко-политички причини. Меѓу овие лица позначајни се имињата Благоја Шамбевски, Блажо Белопета, Богоја Ѓоревски, како и граѓани кои наводно настапувале од позиции на Ванчо Михајловизам.
За ова лице, посочуваат од Комисијата за лустрација, ќе се направи проверка дали е жив или не, од што, пак, ќе зависи дали неговото име и документите ќе бидат објавени на веб страницата во законски предвидениот рок од три дена.