
„Газпром“ ќе го гради новиот проект „Турски тек“ на истата маршута на која требаше да се гради прекинатиот проект „Јужен тек“. Тоа ќе и дозволи на Москва, доколку има потреба, да се врати и на стариот проект, пишува „Ведомости“, пренесуваат бугарски медиуми.
Директорот на „Газпром“ Алексеј Милер и министерот за енергетика на Турција Танер Јилдиз ја договорија маршутата и роковите за изградба на гасоводот „Турски тек“, соопшти руската компанија.
Гасоводот ќе започнува од компресорната станица „Рускаја“ во Анапа, од каде требаше да започне и „Јужен тек“. Почетните 660 км од гасоводот ќе минуваат по старата маршута на „Јужен тек“ на дното на Црното море кон Бугарија, од каде ќе се сврти кон европскиот дел на Турција, западно од Босфор. Целосната должина на подморскиот дел на „Турски тек“ ќе биде иста како и онаа што се планираше за „Јужен тек“, 910 km.
Договорот за изградба на „Турски тек“ се планира да биде потпишан во второто тримесечје од 2015-та година, а првите количини гас, во износ од 15, 75 милијарди метри кубни ќе протечат кон декември 2016-та година.
Според Милер, доколку се земе во предвид подготвеноста на компресорната станица „Рускаја“ и тоа што во голем дел подморскиот дел од гасоводот е изграден, станува збор за целосно реални рокови.
Според дел од аналитичарите, тоа што „Турски тек“ ќе минува делумно по маршуатата на „Јужен тек“, „Газпром“ ќе биде во можност и да се врати на реализацијата на прекинатиот проект, доколку за тоа има потреба.