
Грчката влада ризикува да биде изолирана во ЕУ поради инсистирањето да не го плаќа долгот и да прекинат санкциите кон Русија, порача денеска германскиот министер за европски работи Михаел Рот кој истовремено е и заменик министер за надворешни работи. Рот во изјава која што се толкува како саркастична порача: „Се надевам дека Грција сака да остане во Европската Унија“.
Директните пораки од Берлин за Грција ги дополни портпаролот на министерот за европски прашања Мартин Јегер според кого „Продолжување на рокот за плаќање има смисла само доколку Ципрас покаже воља за спроведување на договорените реформи, но најавите од Атина одат во спротивен правец“ .
Германските реакции се оценуваат како дел од тактиката да се почека Ципрас прецизно да каже каков неговиот план, сметаат дел од германските и западните аналитичари.
Канцеларката Меркел која сеуште јавно не излегла со коментар за изјавите на новата Грчка влада за во вторник закажа затворен состанок со пратениците од владеачката коалиција во Берлин на кој треба да се договори политиката во врска со најавите на СИРИЗА дека ќе прекине со враќањето на долгот.
Засега нема најава за тет-а-тет средба Меркел-Ципрас, изјави денеска портпаролот на германската влада Кристијана Вирцл. Според неа „најпрвин мора да се почека за да се види каква понуда за дијалог ќе добиеме од Берлин“.
Таа ги повика новинарите да го прашаат Ципрас зошто не побарал да биде поканет во Берлин, со што индиректно потврди дека Меркел и нејзиниот нов грчки колега ќе мораат да вложат многу труд и напор за да ги надминат се поголемите разлики меѓу двете земји.