
Најмалку седум лица загинаа денес кога преполн патнички воз се судри со џип на железничката пруга во предградие на Њујорк, објавуваат американските медиуми.
Возот удрил во возилото околу 18, 30 часот по локално време, при што животот го загубила жената која управувала со џипот, додека, шест патници од возот загинале кога се запалил еден од вагоните, пренесува агенцијата AFP.
Спасувачките служби брзо стигнале на местото на несреќата за да им помогнат на стотиците трауматизирани патници во возот, кој тргнал од станицата „Гранд сентрал терминал“ на Мехетен.
До несреќата дошло откако рампата на преминот преку пругата се спуштила на задниот дел од џипот, кој потоа застанал на пругата. Жената која управувала со џипот излегла да ја погледа штетата на возилото, а потоа се вратила во него и повторно тргнала напред и во тој момент ја удрил возот. По судирот избил пожар во џипот и во неколку вагони од возот.
Во возот во моментот на несреќата имало околу 650 патници.