Неформален Самит на ЕУ посветен на борбата против тероризмот, Украина и Русија

Лидерите на земјите-членки на Европската унија денеска во Брисел ќе се сретнат во рамки на неформалниот Самит на Европскиот совет.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, според поканата на претседателот на Советот, Доналд Туск, овој Самит ќе биде посветен на три теми: борбата против тероризмот по терористичките напади во Париз минатиот месец, ситуацијата во Украина и односите со Русија, како и на економската и монетарна унија.

Оваа неформалната средба на лидерите на ЕУ е во сенка на мировните преговори во Минск,, каде рускиот и украинскиот претседател, Владимир Путин и Петро Порошенко, со посредство на германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Франција, Франсоа Оланд, се обидуваат да постигнат договор за траен мир во Украина.

Токму резултатите од преговорите во Минск ќе влијаат на неформалниот Самит на Унијата, бидејќи за попладнево, по традиционалната размена на мислења со претседателот на Европскито парламент, Мартин Шулц, предвидено е токму претседателот на Украина, Порошенко, да ги брифира лидерите за состојбата на украинската територија.

Според распоредот за денешниот Самит на ЕУ, по информирањето од стрнаа на Порошенко, предвидена е работна средба на лидерите за ситуацијата во Украина и односите со Русија, при што ќе се процени ситуацијата и ќе се разгледаат сите соодветни мерки, односно планираното воведување на нови санкции кон руски официјални лица.

– Во светлината на настаните во Париз минатиот месец, ние подоцна вечерва ќе расправаме за борбата против тероризмот. Јас побарав од некои колеги да ги споделат своите искуства во борбата против тероризмот, па ќе се согласиме за утврдување на политичките ориентации, односно што понатаму и каква интензивна работа во наредните месеци ќе не чека на ова поле, вели претседателот на Советот, Туск, во писмото-покана до шефовите на држави или влади на земјите-членки на Европската унија.

На крајот на Самитот, планирано е да се разгледа прашањето за подобра координација на економските политики во рамки на економската и монетарната унија, за што се поканети претседателите на Европската централна банка и на Еврогрупата, во пресрет на извештајот од страна на четирите претседатели предвидено за јуни. Претседателот на Еврогрупата, Јерон Дајселблум, предвидено е да ги информира ЕУ-лидерите за процедуралните аспекти во врска со разговорите за мерките за штедење на Грција во рамките на Еврогрупата, кои вчера завршија без договор.

Она што со нетрпение се очекува е ставот на премиерот на Грција, Алексис Ципрас, кому ова ќе му биде прво учество на Самит на Европската унија, а кој се закани дека нема да одобри нови санкции кон Русија, има поинаков став за украинската ситуација и бара преуредување на економската и монетарната унија.