Со програмата на АВРМ за 2015 година се предвидени 8.200 вработувања

Вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски, министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, како и директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, денеска најавија дека според оперативниот план кој е донесен од страна на Владата за 2015 година, со мерките на АВРМ треба да бидат опфатени 16.226 лица, од кои ќе се вработат 8.200 лица.

Вицепремиерот Пешевски, појасни дека преку овие мерки за вработување ќе има еднаква застапеност при вработувањата меѓу мажите и жените.

„За оваа година е предвиден буџет од 660 милиони денари кој е распореден за финансиска поткрепа за мерките за вработување и самовработување кои се пласирани преку АВРМ. Исто така, предвидено е околу 30 отсто од вработувањата да се однесуваат на младите лица“, рече вицепремиерот.

Министерот Спасов, пак истакна дека активните мерки за вработување и самовработување за 2015 година се крупни потфати преку кои се влијае на економската благосостојба во државата.

„Акцентот е ставен на мерките за вработување на млади лица до 29 години за кои е изработена и конкретна програма. На невработените, како и на компаниите на располагање им се сите мерки за намалување на невработеноста во државата“, изјави Спасов.

Тој додаде дека огласите за вработување и самовработување ќе бидат презентирани на отворен и тран спарентен начин преку јавни повици кои ќе ги има цела година, како и преку посредување преку АВРМ. На крај, тој ги охрабри неваробтените и работодавачите да аплицираат за секоја мерка кој им одговара, со цел да се намали невработеноста.

Директорот Поповски, пак, нагласи дека за невработените во АВРМ ќе се одржуваат мотивациски обуки преку кои тие ќе бидат подучени како да бараат работа и како да постапуваат.

„АВРМ ќе ги информира и работадавачите за своите активни мерки за вработување со кои располага, како и како истите да бидат искористени на најдобар можен начин“, додаде Поповски.

Тој истакна и дека и оваа година е планирано да се продолжи со Саемите за вработување, каде на едно место се сретнуваат понудата и побарувачката на труд.

Инаку, од 2007 година досега, преку активните мерки на Владата, досега се вработени повеќе од 27.000 лица.