
Градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева остварија средба со официјалната делегација од збратимениот град Нанчанг, Народна Република Кина. Средбата е дел од големиот број на настани коишто се организираат во Скопје, по повод 30-годишнината од збратимувањето на двата града.
Делегацијата од Нанчанг е предводена од Жоу Шулинг, заменик-претседавач на Постојаниот комитет на Народниот конгрес на Нанчанг, а во делегацијата има претставници од локалната и регионалната власт од областа на меѓународната соработка, културата и односите со јавноста.
Градоначалникот Трајановски на гостите им посака добредојде и изрази надеж дека истите ќе имаат убав престој во Скопје. Тој потенцираше дека Скопје и Нанчанг имаат богата историја на успешна соработка во многу области и изрази надеж оти истата ќе продолжи и во иднина.
Шулинг се заблагодари за убавиот прием и ги пренесе поздравите од жителите на Нанчанг, притоа упатувајќи официјална посета до градоначалникот Трајановски да го посети градот.
Амбасадорот на Народна Република Кина во Македонија, Зеншун Вен, изрази задоволство од односите коишто ги негуваат двете држави и дека овие денови жителите на Скопје ќе имаат можност да се запознаат со дел од богатата кинеска култура.
Во рамките на одбележувањето на 30-годишнината од збратимувањето на Скопје и Нанчанг, вечер во 20 часот во Македонскиот народен театар ќе се одржи музичка и танцова претстава на културниот ансамбл од Нанчанг, додека утре во 12 часот во Градскиот трговски центар, ќе се одржи „Кинески пролетен фестивал во Скопје” каде што присутните ќе можат да се запознаат со дел од богатата кинеска култура.