ЛШ: Барселона и Јувентус забележаа идентични победи

Барселона забележа многу значајна победа на гостувањето во Манчестер и во голема мера си ја олесни работата во однос на пласманот во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

Каталонците славеа со 1:2, а погодоците за гостинскиот тим ги постигна уругвајскиот интернационалец Луис Суарез. Единствениот погодок за Сити беше дело на Серхио Агуеро.

Домаќините можат да бидат и среќни со овој минимален пораз, бидејќи од 74-тата минута играа со играч помалку, откако Гаел Клиши беше исклучен поради втор жолт картон, а во 93-тата минута Џо Харт успеа да го одбрани ударот од белата точка на Лионел Меси.

Италијанскиот шампион обезбеди минимална предност пред реваншот против Борусија Дортмунд откако со 2:1 славеше на домашен терен.

Јувентус поведе со голот на Карлос Тевез во 13-тата минута, но пет минути подоцна Борусија израмни преку Марко Ројс.

Победата на “Старата дама” и ја донесе Алваро Мората во 43-тата минута. Во второто полувреме немаше многу возбудувања, па се доби впечаток дека и двете екипи се задоволни со овој резултат.



Лига на шампиони, осминафинале:

Јувентус – Борусија Дортмунд 2:1

/Тевез 13’, Мората 43’ – Ројс 18’/

Манчестер Сити – Барселона 1:2

/Агуеро 69’ – Суарез 16’, 30’/

Среда:

Баер Леверкузен – Атлетико Мадрид

Арсенал – Монако