
Поетскиот караван на Друштвото на писателите на Македонија продолжува во Битола. Во соработка со Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“ од Битола, поетскиот караван на ДПМ во овој град ќе гостува на 17 март во 12 часот. Во големиот амфитеатар на Универзитетот ќе настапат 20 истакнати македонски автори од повеќе генерации.
На отворањето на манифестацијата ќе зборуваат д-р Јордан Ѓорчев, од името на Славјанскиот универзитет, и Веле Смилевски, претседател на ДПМ.
Годинашниот циклус од 17 поетски каравани Друштвото на писателите на Македонија го реализира во рамките на проектот за дисперзија на културните настани во Македонија. До сега поетите гостуваа во Свети Николе и Крива Паланка. Покрај договорената соработка за оваа манифестација со библиотеките во Гевгелија, Куманово и Велес, со Домот на културата „Иван Мазов“ во Кавадарци, со литературните манифестации „Караманови средби“ во Радовиш и „Ганеви денови“ во Кожле, поетите ќе го продолжат караванот и во Струмица, Тетово, Штип, Лазарополе, Македонски Брод, Кичево, Демир Хисар, Крушево и Ресен. Поетскиот караван ќе заврши со традиционалната манифестација „Средба на генерации“ во рамките на Деновите на Блаже Конески кои секоја година се одржуваат од 17 до 19 декември, денот на раѓањето на големиот македонски поет, основоположник и прв претседател на македонската писателска асоцијација. Во поетскиот караван на ДПМ низ Македонија ќе земат учество 80 поети од сите генерации.