
Македонија за прв пат оваа година ќе има свој тим на Светскиот куп во австралиски фудбал, попопуларно познат кај нас, со нешто модифицирани правила, како ’рагби’.
Како што пишува порталот Екипа, нашинецот од Австралија, Михаел Поповски е иницијаторот за и Македонија оваа година да пријави свој тим на Купот кој на 29. март ќе се одржи во “Ројал Парк”, Парквил.
“Мислевме дека тоа би било извонредно за покренувања на нашата заедница и промоција на нашата земја. Тимот ќе биде составен од поранешни и од сегашни играчи на австралискиот фудбал, се разбира кои мора да имаат македонски корени, но ќе има и играчи и кои досега не го практикувале овој спорт” – вели Поповски, кој потенцира дека со оглед на тоа што за прв пат учествува македонска селекција, не се настапува со некои нагласени амбиции.
“Не сакам да звучи како некое клише, но наша цел на овој Куп е да дадеме што е можно најдобро од нас на секој натпревар. За секој од нас ќе биде гордост да го носиме македонскиот дрес” – истакнува Поповски, дополнувајќи дека за овој турнир се подготвени специјални дресови за тимот.
Во составот на Македонија, покрај Поповски ќе бидат и дел од играчи во австралиските лиги, како Стив Видановски, Алекс Трајчевски, Роберт Јонис, Џони Бибис, Роб Мазниовски, Фил Фудолис, итн…