
Александар Николоски, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, ќе учествува во работата на Комисијата за политички прашања и демократија во својство на член, како и на Мониторинг комисијата во својство на потпретседател, на 16 и 17 март 2015 година, во Париз, Франција.
Дневниот ред на Комисијата за политички прашања и демократија, во која членуваат шефовите на делегациите на земјите-членки предвидува дискусии за состојбата во Белорусија, учеството на странски борци во борбите во Сирија, политичката криза во Украина, а ќе биде дадена и евалуација на партнерството за демократија во однос на Парламентот на Мароко, во рамките на проектот за зајакнување на односите и промовирање на поблиски врски со парламентите на соседните земји на Европа.
На седницата на Мониторинг комисијата, која ќе се одржи зад затворени врати, пратенците ќе го разгледуваат извештајот за пост-мониторинг дијалогот со Монако, извештајот за пост-мониторинг дијалогот со Црна Гора, потоа Резолуцијата за санкциите во однос на руската делегација во Парламентарното собрание, а ќе биде поднесен и прелиминарен извештај за првата група од четири држави, кои не се во мониторинг или пост-мониторинг постапка, и тоа Андора, Белгија, Хрватска и Кипар.