
Дваесет и осумгодишниот германски пилот Андреас Лубиц, е копилотот во авионот на компанијата „Џерман вингс“, на летот 4У 9525, кој најверојатно намерно го соборил леталото.
На сајтот на аероклубот „ЛТЦ“, на кој бил член, се наведува дека Лубиц живеел во германскиот град Монтабаур и во нивниот клуб се зачленил многу млад за да го оствари својот детски сон за летење.
„Тој го оствари својот сон, сон што го плати со својот живот“, додаваат од клубот.
Бил еден од најдобро оценетите пилоти на светот на квалификациските тестови и многу брзо по завршувањето на обуката почнал да работи.
Германски официјални претставници потврдија дека не постојат податоци за тоа дека на било кој начин е поврзан со терористички групи.
Лубиц од септември 2013 година бил вработен во компанијата „Џерман вингс“ и зад себе имал 630 часа летачко искуство, изјави портпаролката на „Луфтханза“.
Како што пренесува „Тајм“, неговите сограѓани со познавале како „прилично тивко, но пријателски расположено момче“.
При вработувањето, во 2013 година, Лубиц ја минал психолошката проверка.
Минатат есен за последен пат заминал во родниот град кога требало да ја обнови дозволата за управување едрилица и тогаш „не покажувал никакви знаци што можеле да укажуваат на депресија“.
– Беше среќен заради својата работа во компанијата и добро му одеше. Отсекогаш одаваше впечаток на момче кое е задоволно -изјави неговиот колега од клубот Петер Рекер.
Летечката дозвола за управување со едрилица Лубиц ја добил уште како тинејџер и набрзо бил примен во тренажната програма на „Луфтханза“ каде ја завршува една од најценетите и најстроги школи за пилоти во Германија.
Школувањето го завршил во Бремен, во летачката школа на „Луфтханза“, која е „мајка-фирма“ на компанијата Џерман вингс“.