Груевски: Нови 15 милиона евра субвенции за земјоделците во Штип и штипско

Владина помош во набавка на трактори и земјоделска механизација, покривајќи 50% од трошоците добија над 650 земјоделски стопанства од истокот. За ова, меѓу другото, денес говореше лидерот на владејачката ВМРО – ДПМНЕ и премиер на Република Македонија Никола Груевски на масовниот народен собир во Штип.

Тој најави дека и оваа година земјоделците од овој регион ќе добијат нови 15 милиони евра по основ на земјоделски субвенции.

-Ја реализиравме првата фаза од еден од најголемите проекти во Источна Македонија – хидросистемот Злетовица, со кој трајно се решава проблемот со водоснабдување на повеќе од 100 илјади граѓани. Инвестиција во вредност од 100 милиони евра. Проект со кој во втората фаза е предвидена и изградба на систем за наводнување на околу 4.500 хектари земјоделско земјиште, а во третата фаза и изградба на објекти за производство на електрична енергија. За земјоделците од од овој регион во изминативе 7 години имаме исплатено повеќе од 90 милиони евра за субвенции, од кои 20 милиони евра само за Штип и штипско. Поддршка каква што не паметат  земјоделците од овој регион за кои секогаш сме тука, да разговараме, да решиме некој проблем, но и да помогнеме. Онака  како што излеговме во пресрет на сточарите, одгледувачите на овци од овој регион кои се соочија со сериозни проблеми од болеста син јазик, а за кои дефиниравме мерка за исплата по 4000 денари по грло, која во наредните месеци ќе биде исплатена на секој сточар кој пријави загуба, рече Груевски.