
Авионот на соларен погон слета рани утринава во Чунг јинг во централниот дел на Кина, со што го заврши петтиот дел од патот околу светот со што се промовира употребата на обновливите извори на енергија.
Патот од Мандалеј во Мјанмар до Чунг јинг траеше повеќе од 20 часа. Организаторите на летот соопштија дека пилотите морале високо да кренат авионот преку планинскиот предел на југот на Кина и дека требало да се носат маски со кислород, а дека во кабината температурата паднала на минус 20 степени.
„Соларен импулс 2“ на патот околу светот полета од Абу Даби на 9-ти март, а досега имаше четири станици. Следната дестинација е Нанг јинг на источниот кинески брег, од каде ќе полета на првиот прекуокеански, петтодневен пат до Хаваите.
Овој авион лета без гориво, а добива струја од 17.000 соларни ќелии поставени на крилата со димензии од 72 метри. Леталото на смени го управуваат швајцарскиот пилот Бертран Пикар и Андре Боршберг.
Се очекува дека овој лет околу светот, со пауза, трае пет месеци. „Солар импулс 2“ досега постигна два рекорди, најдолг пат поминат во еден лет и најголема брзина во однос на земјата.
Ова патување во светот привлече големо внимание кај луѓето што соларниот погон го гледаат како гориво на иднината, како извор на чиста, обновлива енергија.