
Успешно заврши македонскиот дел од снимањето на долгометражниот филм со работен наслов „Банат“ од Адриано Валерио, режисер награден во Кан.
Филмот, прва заедничка продукција на Италија, Романија, Македонија и Бугарија, се снимаше во Битола и околината. Последната клапа ќе падне на 4 април, а моментално се снима во италијанскиот град Бари и неговата околина.
Според режисерот Адриано Валерио, метафора за филмот е патувањето.
– Тоа е приказна за емиграција од Италија во Романија, односно љубовна приказна во која момче среќава девојка. Италијанците од сегашните генерации за да најдат работа и среќа патуваат во друга земја. За оваа приказна бев инспириран од вистинска приказна која му се случи на мој другар во Банат. Во неа се става акцентот на границите и патувањата на луѓе од Европа кои не можат да ја најдат иднината во својата земја, истакна Валерио во Битола, пренесе МИА.
Освен во Битола, филмот се снимаше и во околните села Рибарци и Буково, како и во преспанските села Царев Двор и Дупени.
Во филмот „Банат“ главните улоги ги толкуваат Едуардо Габриелини од Италија (добитник на наградата „Пасинети“ на Венецискиот филмски фестивал) и Елена Радоничиќ која потекнува од Црна Гора.
Од Македонија ангажирани се Димитар Николов – Таки како продуцент, Роберт Јанкуловски (директор на фотографија), Викторија Динева (сценограф), Саша Станишиќ-асистент на режија, Марина Цигарида (мејк-ап артист), Петар Трајчевски-менаџер на локации, Бурим Муслиу-асистент костимограф, пренесе МИА.
Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, во делот за малцински копродукции.