
Со разновидни маски, песни и весел детски џагор, во спортската сала „Гоце Делчев“ во населба Илинден беше одбележан Светскиот ден на шегата 1-ви Април. Традиционалната 10-та по ред Априлијада, што се одржа во организација на Општина Илинден, уште еднаш покажа дека на бујната детска фантазија, на детската иновативност вистина и нема крај.
Полицајци, лекари, пирати, бетмени и спајдермени, војници, принцези, невести, вештерки, кловнови… беа само дел од безбројните маски на дечињата од градинката „Гоце Делчев“ и стотиците ученици од основните училишта „Браќа Миладиновци“, „Гоце Делчев“ и „Ристо Крле“.
Свој придонес во веселата атмосфера во Спортската сала „Гоце Делчев“ даде и Мини Маус, измамувајќи бројни аплаузи.
Традиционално и годинава, Општина Илинден ги награди трите најдобри маски од секое училиште и детската градинка, односно награди добија најзабавната, најкреативната и најсмешната маска.