Бројот на жртвите во универзитетот во Кенија може да стигне до 150

Четирите напаѓачи врз Универзитетскиот кампус во кенискиот град Гариса се убиени, а бројот на жртвите можно е да се искачи до 150, изјави министерот за внатрешни работи на Кенија, Џозеф Нкаисери.

Тој истакна дека полицијата ги убила четворицата напаѓачи, кои ги држеле студентите како заложници повеќе од 12 часа, а во тек е пребарување на областа.

Според Нкаисери, ова е најкрвавиот напад уште од 1998 година, кога беше нападната американската амбасада во Најроби.

Одговорност за нападот презеде сомалиската терористичка организација Ал Шабаб.

Кениските власти понудија награда од 215.000 долари за информација која ќе доведе до апсење на Мохамед Мохамуд, кој е прв на листата на најбарани лица поради денешниот напад врз универзитетот.