
Бариерата која голем број луѓе ја имаат поставено кон боречките вештини како спорт кој произведува насилство одамна е пробиена, односно народот а особено младината сфаќа дека тоа е спорт како и сите останати, кој служи за психо-физичко развивање на секој еден кој ќе се реши да тренира, без разлика дали се работи за бокс, карате, борење итн. Доказ за ова е и армијата фанови низ светот која секоја наредна година бележи огромен пораст, а со тоа расте и популарноста на овој вид спорт.
И во нашата држава изучувањето на боречките вештини има долга историја проследена со успеси и многу медали.
Токму такво место, каде заинтересираните можат да навлезат во светот на боречките вештини е клубот Џим 10 60, кој се наоѓа во населбата Ѓорче Петров во Скопје.
Клубот е формиран на 6ти февруари 2013 година, брои преку 40 членови кои се различна возраст и пол, што ќе рече дека за да се биде дел од овој состав на борци ви треба само желба.
Оние кои веќе тренираат во Џим 10 60 имаат можност да изучуваат бокс, кај нас малку познатата руска вештина – Система како и особено популарните во светски рамки ММА (Mixed Martial Arts).
Тренинзите ги водат искусните тренери Александар Шумаров и Живорад Стојановски, кои шест дена во неделата неуморно работат со своите ученици. Тренинзите траат по два часа, но при подготовка за одредено натпреварување значително се интезивираат, односно се тренира секој ден, а тренингот трае и до пет часа.
До сега членовите на клубот се натпреварувале само на интернационални натпреварувања, а најголем успех има постигнато Гого Славевски кој веќе имал две професионални борби во САД и на двете има забележано победа. Славевски исто така е и официјален спаринг партнер на светскиот шампион Давид Естрада, како и на уште неколку освојувачи на најсилното натпреварување од овој вид во САД, Golden Gloves.
Значителен успех е и третото место на Роберт Варга, освоено на светското првенство во кикбокс.
Веќе на 10-ти мај членовите на клубот Џим 10 60 ќе имаат можност за нови победи и медали, бидејќи ќе настапуваат на натпреварите во професионален бокс во Хрватска, а веднаш потоа патуваат и во Србија.
За крај, како мотивација нека ви послужи ова младо момче кое рамноправно тренира заедно со своите постари колеги, а во кое можеби се крие и следниот Фјодр Емилијаненко..