
Оксер на стадионот “Абе Дешан” го совлада Генган со 1:0 и се пласираше во финалето на Купот на Франција!
Фантастичен подвиг за тимот кој моментно се наоѓа на осмата позиција на табелата во Втората лига, но и тимот кој сега му преостанува да го сочека исходот од вечерашниот дуел помеѓу Париз Сент Жермен и Сент Етијен за да дознае со кого ќе се бори на 30 мај за трофејот.
Па и место во Лигата на Европа, но под услов да победи во тој меч, бидејќи поразениот финалист добива само болни спомени од пропуштената можност. Но, и тоа е нешто што се памети, нешто за гордеење. Особено во времињата кога си далеку од очите на јавноста. А, токму тоа му се случува на Оксер, кој уште од 2012 не е дел од елитата.
Фредерик Самаритано фантастично се снајде по додавањето на Шеик Дијаер во 15-та минута од средбата, лесно го исфрли чуварот од игра и ја протна топката меѓу нозете на противничкиот голман. Тој беше и еден од најдобрите на теренот воопшто, па на крајот заслужено го понесе признанието за најдобар играч на натпреварот.