
Првиот македонски кошаркар во НБА-лигата, Перо Антиќ, заврши во притвор во Њујорк по инцидентот во еден ноќен клуб во американската метропола.
Антиќ морал да мине извесно време во притвор откако со својот соиграч Табо Сејфолоша се нашол “на погрешно место во погрешно време” при инцидентот во кој членот на Индијана Пејсерс, Крис Коупленд бил прободен со нож. Во инцидентот настрадале и сопругата на Коупленд, Катрин Салтара (28), како и уште една жена, Кетрин Сомани (53).
Осомничен за нападот е Шизој Блери (22).
Американските медиуми јавуваат дека Антиќ и Сејфолоша биле приведени под обвинение дека “се обиделе да ги попречат полицајците во извршувањето на нивната задача”, односно дека не го напуштиле “местото на несреќата” кога тоа било побарано од нив.
Причината поради која инволвираните кошаркари се нашле на местото се вечерашните гостувања на Атланта во Бруклин, односно на Индијана во Њујорк.
Во текот на денот се очекува полицијата во Њујорк да излезе со соопштение во врска со инцидентот.