Ставрески: Стандард и Пурс ја потврди оценката за Македонија, тоа е добар сигнал за инвеститорите

Стандард и Пурс ја потврди оценката за Македонија, односно го потврди нашиот кредитен рејтинг. И тоа секако е добар сигнал дека македонската економија има добар тренд на раст, дека бизнис климата е добра, дека јавните финансии се во добра состојба, и секако е добар сигнал кон инвеститорите бидејќи тие го имаат во предвид рангирањето на земјите и рејтингот што го даваат реномираните меѓународни корпорации.

Ова во изјава за МРТ го посочи заменик претседателот во Владата на Република Македонија и министер за финансии Зоран Ставрески.

-Во таа насока, ова е посебно добро што потврдата на кредитниот рејтинг на Македонија се случува во време кога во Европа има ризици и кога европските земји особено нашиот сосед Грција се соочува со дилемата дали ќе успее да остане во еврозоната или ќе треба да ја напушти. Првпат на ова собрание тука отворено се разговараше и за тоа дека постои и таква можност да Грција мора да ја напушти еврозоната. При што се разговараше и за позитивните и за негативните ефекти ако тоа се случи. И во тој контект се добро да се знае дека Македонија има многу постабилни услови, односно дека има пониско ниво на задолженост, дека има раст на економијата во однос на нашиот сосед и дека има карактеристики на економијата коишто и понатаму одаваат стабилност и значат дека македонската економија ќе остане во зоната на стабилни и на растечки економии, вели Ставрески.

Министерот за финансии Зоран Ставрески и Гувернерот на НБРМ Димитар Богов имаа средби со Извршниот директор на Светска банка Френк Хемскерк, со Регионалниот директор за Југоисточна Европа и Азиската Светска банка Елен Голдштајн, со новиот Извршен директор на ММФ Мено Снел, со новиот шеф на Мисијата на ММФ Џесмин Рахман, со Лора так, Потпретседател на Светска банка за Европа и Централна Азија и ИФЦ.