
Нова научна студија покажала дека не постои поврзаност помеѓу аутизмот и ММР вакцината, соопштува тим американски научници.
Откритијата се објавени во Journal of American Medical Association врз онова на испитувањата во кои биле опфатени околу 95 илјади деца со постари браќа и сестри, од кои некои имале аутизам.
-Во согласност со студиите кај другите популации, не забележавме поврзаност помеѓу ММР вакцинацијата и зголемениот ризик за некои пореметувања од спектарот на аутизмот, стои во извештајот на студијата која ја предводел Анџали Џаин, лекар од Вирџинија.
-Не пронајдовме доказ дека ММР вакцината го зголемува ризикот од аутизам кај децата чии постари браќа и сестри имаат некое пореметување од тој спектар.
Аутизмот е во пораст, но научниците уште не можат да утврдат што го предизвикува.
Стравот дека ова пореметување го предизвикува вакцината почна да се шири по извештајот во 1998. година на извесен Ендру Вејкфилд, во кое наводно е докажана поврзаноста помеѓу ММР вакцината и развојот на аутизмот кај дванаесет деца, пишува српски Блиц.
Се покажа дека станува збор за измама, па стручното списание кое ја објави ја повлече. Британија исто така на авторот Вејкфилд му ја одзема лекарската дозвола.
Меѓутоа, загриженоста околу безбедноста на вакцината, особено во добата на интернетот, успева да опстане.
-Иако ниту едно релевантно истражување во текот на последните петнаесет години не пронашло поврзаност помеѓу ММР вакцината и аутизмот, на многумина родители тоа не им е доволно, стои во студијата, објавена во JAMA.
-Испитувањето на родители кои имаат деца со некои од пореметувањата од спектарот на аутизмот покажуваат дека многумина веруваат дека ММР вакцината допринела до проблеми кај нивните деца.
Така децата кои имаат постари браќа или сестри со аутизам поретко добиваат вакцина за разлика од децата без аутизам во историјата на семејството.