Општина Аеродром ги промовира активностите на невладините организации на нејзина територија

Општина Аеродром почна да објавува текстови со коишто се промовира работата на невладините организации на нејзината територија со кои активно соработува, како и активностите што ги реализираат овие здруженија.

Денеска ќе биде промовиран Институтот за демократски развој и соработка – ИДРС Скопје, чија цел е да помoгне во зајакнување на личните капацитети, како и капацитетите на различни владини и невладини институции. Мисијата на оваа организација е да овозможи континуирано и доживотно учење за различни категории граѓани, со што тие ќе ги надополнат и освежат стекнатите знаења.

Целите и задачите на ИДРС се однесуваат, пред сѐ, на придонесување со своите активности насочени кон развој и соработка во општествената, научната и технолошката сфера, континуиран демократски развој на институциите, организациите и здруженијата.

ИДРС е организација која е отворена кон предлози за заеднички проекти со релевантни партнери од областа на дејствувањето на организацијата, особено проекти наменети за промоција на интегративни и креативни решенија за збогатување на културниот живот на граѓаните.

Институтот за демократски развој и соработка и Општина Аеродром интензивно соработуваат последниве неколку години. Позначаен заеднички проект е обуката што се одржа во рамките на летната школа на Општина Аеродром  под наслов „Медијација – вонсудско решавање конфликти“. Целта на оваа обука беше граѓаните да се запознаат со основните знаења за медијацијата и другите начини на вонсудско решавање на споровите, како што се преговарањето, помирувањето и арбитражата.