Црвениот крст на Македонија се вклучува во акција за помош на Непал

Црвениот крст на Република Македонија соопшти дека се приклучува кон прелиминарниот Апел објавен од Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина за помош на настраданото население од катастрофалниот земјотрес во Непал.

Заинтересираните правни субјекти и граѓани можат да се вклучат со обезбедување парична помош на сметката на Фондот на солидарноста на Црвениот крст на РМ: 300000001327966, даночен број: 4030984271620 АД Комерцијална банка со назнака: помош за настраданото население во Непал, како и да се донираат 100 денари со повик на телефонските броеви 070 / 075 / 077 143 400.

Средствата можат да се донираат до 15 мај 2015 година и ќе бидат префрлени на Меѓународната федерација за настраданото население во Непал.

Со оваа помош Националното друштво на Непал ќе биде помогнато да обезбеди помош и поддршка на 75.000 лица (15.000 семејства). Помошта е насочена кон интервентна потреба од здравствена и социјална грижа, интервентна потреба за сместување, поврзување на раздвоени семејства, институционална подготвеност на националното друштво и заедниците и намалување на ризиците.

Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина првично интервенираше со помош во висина од 500.000 ЦХФ.