Мијатовиќ загрижена за неколкуте нови инциденти поврзани со медиумите

Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите Дуња Мијатовиќ реагираше поради неколкуте нови инциденти, во кои новинари беа изложени на вербални и физички напади во Македонија, што Мијатовиќ го нарекува „бран на закани и притисоци“.

– Последните закани против медиумите се длабоко загрижувачки. Медиумите мора да останат слободни од закани со цел да се дозволат независни, критички и плурални гласови во општеството. Ги повикувам властите веднаш да ги испитаат сите овие напади, пишува во изјавата на Мијатовиќ.

Од канцеларијата на Мијатовиќ како што пренесува МИА велат дека претставничката е во контакт со мисијата на ОБСЕ во Македонија околу случајот на вербалниот напад врз водителот Јанко Илковски, кој се случи минатиот петок пред неговиот дом. Нападот врз Илковски се случи истиот ден кога пред Радиото Слободна Македонија музичкиот новинар Антонио Димитриевски изјави дека бил нападнат од активистот за референдумот за ГТЦ Никола Наумоски. Во најновото соопштение на Мијатовиќ се вели дека се реагира за вербалните напади и закани упатени кон новинари во Скопје и во Битола, каде новинарот на агенцијата ИНА Фергим Демири бил спречен да известува од настан во Домот за културата.

– Овие инциденти само ја дополнуваат загушената медиумска атмосфера во земјата каде неодамна имаше апсење и кривична осуда на новинар, именување новинар како странски агент и смртни закани. Овој тренд мора да се смени. Забележливата поделеност во медиумската заедница ги зголемува овие проблеми. Повеќе од кога било потребна е поголема солидарност меѓу новинарите, додава Мијатовиќ.