
Министерот за здравство, Никола Тодоров, денеска престојува во работна посета на Софија, Република Бугарија. Во рамки на посетата, министерот придружуван од доктори од Универзитетската клиника за детски болести и Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, ќе оствари работна средба со менаџментот на Универзитетската болница „Мајчин дом“ – Софија, предводен од проф.д-р Виктор Златков.
На средбата ќе се разговара за унапредување на соработката во областа на неонатологијата, со посебен фокус на можностите за едукација и стручно доусовршување на македонските доктори во оваа медицинска област, имајќи предвид дека одделот за неонатологија во оваа болница е најголем од ваков вид на ниво на целата држава.
Воедно, на средбата ќе бидат разменети искуства меѓу докторите од македонските универзитетски клиники и нивните колеги од Република Бугарија.
Оваа работна посета е во рамки на континуираните разговори и заложби на ниво на Министерството за здравство на Република Македонија и на Република Бугарија, во насока на унапредување и зајакнување на меѓусебната соработка.