
Веќе нема никакви дилеми, Марин Докузовски ќе биде шеф на стручниот штаб на Работнички до крајот на оваа натпреварувачка сезона. Иако претходно беше најавувано дека поранешниот селектор нема да го има камбекот на клупата на најтрофејниот клуб по истекот на суспензијата, последните информации сепак говорат дека Докузовски е човекот што ќе го предводи Работнички во походот по нова титула.
Суспензијата на “докторот” истекува на 5 мај, што значи дека тој веќе утре ќе може да го води тимот, и тоа на гостувањето против Карпош Соколи. Иако кај Докузовски постоело незадоволство од изречената суспензија, последните разговори со раководството на клубот вродиле со плод, па овој трофеен стручњак се согласил да ја води екипата најмалку до крајот на сезонава.
Камбекот на Марин сигурно е голем “плус” за тимот од “Градски парк”, кој во минатото коло беше нокаутиран на домашен терен од вечниот ривал МЗТ Скопје, трет пораз во низа во вечните дерби-дуели, низа што Докузовски ќе се обиде да ја прекине, најпрвин во последното коло од Супер-лигата, а потоа и во плејофот, доколку овие два тима се сретнат во разигрувањето за титулата.
Извор: Екипа