Приведени 30 насилни демонстранти во протестот пред Влада

Во ескалацијата на синоќешните судири,  полицијата привела 30 граѓани. Од нив двајца биле малолетни и пуштени се дома. Еден од приведените прво бил однесен на токсикологија поради дејство на алкохол, а потоа бил притворен.

Во насилните протести пред Владата, синоќа се повредени 38 полицајци, а шест од нив се задржани во болница поради сериозноста на повредите. Според информаии на МВР, во протестите повреден е и еден цивил, кој е задржан во Градската болница.

Полицијата идентификувала 12 лица за вандализам, а работи на идентификација и на други лица кои насилно се однесувале на синоќешниот протест.

Покрај нападот на полицајците со шипки, бекатон плочи и други тврди предмети, демолирани се и полициски автомобили и запалени се контејнери, а причинета е голема материјална штета.

Како што информираше министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, вчера околу 18.10 часот биле собрани околу 50 граѓани. Подоцна им се приклучила поголема организирана група на граѓани, во која повеќето биле девојки кои се прикачиле преку оградата и сакале насилно да влезат во Владата.

Од 18.30 до 19.30 часот, дел од граѓаните предизвикале повеќе инциденти. Фрлале по полицијата со камења, шишиња, бекатон плочи  и го симнале од јарболот македонското знаме. Полицијата ја потиснала масата граѓани кон три лоакации: Кон булеварите Климент Охридски, Партизански одреди и Илинден.

Оштетени се седум службени возила. 22 полициски штитови, пет шлемови и дел од техничка опрема. Оштетена е и зградата на Владата и објектот на  приватниот медиум „Радио Слободна македонија“. Исто така, пријавена е штета и на приватен имот.

МВР се’ уште врши увид во случајот и работи на идентификација на вандалите во протестот.