![Bujar[8]](https://netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/05/Bujar8.jpg)
Бујар Авдија, Албанец од Косово, припадник на Исламската држава, пред три дена се разнел на северот од Ирак и притоа убил 36 Курди, јавуваат косовските медиуми, пренесува Нова Македонија.
Авдија, кој е вториот бомбаш-самоубиец што доаѓа од Балканот по Бљерим Хета од Урошевац, кој неодамна се саморазнесе во Багдад, минатата година се закануваше дека ќе го обезглави заменик-претседателот на парламентот на Косово, Пал Лекај, пишува косовскиот весник „Експрес“.
Како што пренесува електронското издание на весникот, Авдија пред три дена го извршил самоубиствениот напад во ирачката провинција Салагудин, на северот од земјата, при што убил вкупно 36 курдски војници. Во јули минатата година Авдија на својот фејсбук-профил при честитката за празникот Бајрам се закани дека ќе отсече неколку глави на косовски политичари. Меѓу споменатите, како што наведува весникот „Експрес“, беше и заменик-претседателот на косовскиот парламент и член на партијата Сојуз за иднината на Косово, Лекај.
Косовскиот весник додава дека Авдија бил припадник на џихадистичкото движење ИД повеќе од една година во Ирак и дека на една од фотографиите објавени на Интернет тој се сликал со Фитим Љадровец од Глоговац, кој минатата година беше уапсен поради сомнение дека учествувал во организирање терористички групи во Косово.
Во меѓувреме полицијата на Република Српска вчера спроведе неколку акции, во кои беа уапсени повеќе од десетина вахабити за кои претходно била распишана потерница и се сомневало дека подготвуваат напади врз повеќе државни институции, пренесуваат српските медиуми. Како што јавува РТС, полицијата се сомнева дека уапсените вахабити биле поврзани со меѓународна терористичка организација, која имала цел да спроведе напади на подрачјата на Бања Лука и на Прњаво.