
Полицијата постапувала по претходно добиени сознанија дека се крие вооружена група која била поврзана со нападот на караулата во Гошинце и планирала нови терористички напади, пренесуваат од Сител телевизија на вонредно објавените вести.
Акцијата започнала околу 4 часот утринава, а најжестоко било во кумановската Дива населба.
Во Куманово моментално е мирно и не се слушаат рафали, нема хеликоптери. Во градот се чувствува тензија, полицијата е на повеќе пунктови, под полна опрема го обезбедува просторот.
Има полициски пунктови кои контролираат сомнителни возила. Дел од улиците беа затворени, но сега сообраќајот се одвива најнормално.
Блокиран е приодот кон Дива населба на излез од Куманово каде живее население од албанско етничко потекло.
Ситуацијата е мирна и не се слушаат рафали и истрели, велат од „Сител“, но одвреме-навреме излегуваат полициски возила.
Имало информации дека вооружена група се наоѓа во дива населба и дека по добиените сознанија околу 4:30 часот, полицијата влегла во населбата да ги приведе лицата, по што започнала престрелка.