Дачиќ: За се се согласуваме со ЕУ, освен за санкциите со Русија

Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ вчера порача дека Србија, кога станува збор за усогласувањето на надворешната политика со политиката на ЕУ, ги поддржува сите политики, освен санкциите кон Русија.

Обраќајќи се на учесниците на конференцијата „Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и пристапувањето на Србија“, Дачиќ укажа дека прашањето за надворешна и безбедносна политика често се сведува на прашањето за санкциите кон Русија и дека поглавјето 31 (надворешна, безбедносна и одбранбена политика) е многу посложено.

– Србија се обврза на постепено усогласување на надворешната политика со ЕУ и таа во согласност со своите обврски ќе го направи тоа до моментот на пристапување кон Унијата. До тој миг ќе го зголемиме степенот во согласност со своите интереси, изјави Дачиќ, потсетувајќи дека Србија претходните години имаше 97 отсто усогласеност.

Шефот на дипломатијата изјави дека тој процент опадна во моментот кога изби кризата во Украина и Србија не се изјаснува за мерките кон Русија.