
Оставките на министрите за Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиески, како и на директорот на УБК, Сашо Мајалков, за новинарот Васко Ефтов претставува чистење на теренот за судскиот процес „Пуч“.
„Поднесени се три оставки. Можат да се очекуваат уште две оставки во институции каде најмногу се протестираше во изминатиот период. Сега имаме чист терен за судскиот процес Пуч-да се судат тие кои се во затвор, плус Зоран Заев и да се води судска постапка за содржината на прислушкуваните материјали. Сите кои беа предмет на бомбите сега се заминати од своите функции и не можат да имаат влијание врз независната судска постапка. Тоа беше едно од барањата на странците. И сега останува второто барање-тоа што Бејли го кажа на Телма (ако во меѓувреме не го сменил ставот) да има брза судска разврска. За една недела ќе почне судскиот процес. Заев има шанса со насилни и масовни протести и со помош на странците во недела да го спречи судскиот процес. Но, спречување не значи и застарување. Има три битни моменти за оваа анализа. Прво, пред 40 дена, на митингот во Борис Трајковски, Груевски кажа дека е можна широка влада но, без ВМРО ДПМНЕ во таа влада. Пред десет дена Груевски доби нов мандат да ја води ВМРО ДПМНЕ. И во неделата Груевски не дозволи во Дивата населба во Куманово да се случи ново Арачиново. Во Куманово имаше осум жртви (сочувство до нивните семејства и поклон до земја пред починатите) но во Куманово не се повтори Арачиново. Во Куманово имаше бели знамиња, немаше вадење терористи со автобуси и имаше снимки како терористите спакувани како кифли се вадат од визбите каде беа напикани. И денес има три оставки. Дали човекј кој ги “пушта низ вода” тројцата свои најблиски соработници се спрема на предавство или се спрема за борба!? За Груевски е сега важна само една работа: Да има судски процес за Заев. Се друго е неважно за него. Целиот политички капитал (каков да е и колкав да е) го стави на картата-судски процес против Зоран Заев. Ако биде спречен во тоа ќе биде спречен од странците-на чело со САД и Германија. Но и тоа е избор. Македонија во 2015 е различна држава од Македонија во 2001 година. 14 генерации заминаа од животната сцена, а 14 нови генерации дојдоа на животната сцена. Македонската јавност 14 години стенка под фрустрациите за тоа што ни се случи во 2001 година. Македонските граѓани не сакаат на сила да им биде сменето името. Ќе треба голема умешност да бидат убедени македонските граѓани дека правење пучови со помош на странци е влезница во поубава иднина. Да за мене нема дилема дека оваа влада треба да си замине од политичката сцена-но не сум сигурен дека тоа треба да биде на ваков начин и со овие луѓе. Имаме два примери во нашето блиско соседство: Бугарија и Словенија. Во Бугарија Бојко Борисов поднесе оставка на премиерската функција но победи на парламентарните избори и во 2013 и во 2014 година. И го жртвуваше својот најблизок соработник, министерот за внатрешни работи-Цветан Цветанов. Во Словенија Јанез Јанса падна од власт со многу тесен пораз од градоначалникот на Љубљана-Зоран Јанковиц, но потоа се врати на власт. На крај падна од власт бидејки еден од коалиционите партнери бараше од Јанса додека се води судскиот процес против него да не биде премиер на Словенија. Првиот случај може но и не мора да биде политичка карма на Груевски, а вториот случај може да биде политичка карма на Заев. Што ќе се случува наредните денови? Американците и Германците со цела сила ќе удрат врз Груевски да нема судски процес каде ќе бидат презентирани доказите кои странски служби и кои играчи се документирани во истрагата за Пуч. Груевски може да попушти, но може и да го издржи притисокот. Ако Груевски го издржи притисокот тогаш ќе биде како Таип Ердоган и ќе ги чека следните претседателски избори. Ако “попушти” под притисокот ќе нема руски гас кој поминува низ Македонија и ќе ја има судбината на Бојко Борисов. Што ќе прави Заев? Заев е небитен во целата приказна. Како што беше небитен лик Борис Трајковски во 2001 година. Случајно или намерно и двајцата се од струмичките села, од Моноспитово и од Муртино. Судбината на Заев како и судбината на Трајковски ќе зависи од проценката на странците“, напиша Ефтов на својот Фејсбк профил.