
Имаме реален план за надминување на сегашната криза создадена од СДСМ и тој план ќе го реализираме. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата веќе има подготвен пакет на мерки за средување на слабостите во сите сектори каде имаше забелешки. Со или без СДСМ позитивните чекори ќе бидат направени, а СДСМ и Заев постепено ќе станат изолирани во нивното деструктивно однесување. Оваа порака ја упати претеседателот на Владата и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски од собирот „Македонија силна“.
– Целата концепција за овој начин на делување на СДСМ е базирана дека имало нерегуларни избори од 2014 година заради што и не влегоа во Парламентот и го спроведоа ова сценарио. Но, дали забележавте дека немаше ниту една снимка која укажува на изборни нерегуларности од 2014 година. Се што извадија, со сила лажен наратив и монтирани снимки, се однесуваше на парламентарните избори од 2011 и локалните избори од 2013. Ништо за 2014, во која немаа ниту една жалба до ДИК. Каде е тука кредибилитетот на нивните барања?, праша Груевски, кој спомна и дека Јанкулоска, Јанакиески и Мијалков се повлекле во интерес на државата без каква било докажана вина.
Доказ дека во Македонија има демократија, според Груевски, е тоа што протестите и критиките на Заев се прикажуваат на три телевизии кои ја покриваат целата територија на државата, како и на многу локални, регионални портали и весници.
– Тоа докажува дека во Македонија има слобода и демократија која и во иднина ќе продолжи да се надградува и засилува, рече лидерот на владејачката партија.
Додаде дека Македонија има свои слабости и работи кои треба да ги подобри и дека има сила да го направи тоа.
Во својот говор посочи дека остануваат на патот на евроатлантската интеграција и на непроменетиот став за решение за името на државата преку референдумско изјаснување на граѓаните.
– ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име. ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати идеи и предлози што ќе го нарушат македонскиот национален идентитет, македонската нација и македонскиот јазик. ВМРО-ДПМНЕ како одговорна и народна партија нема да дозволи какво било решение и каков бил компромис за спорот кој го наметна Грција да бидат прифатени од страна на поединци политичари, влада или парламент, без пред за тоа да се изјаснат граѓаните на референдум и мнозинството од граѓаните кои ќе излезат на тој референдум да се согласи со таквото решение, истакна Груевски.