“Главните” фудбалери на Реал не го даваат Анчелоти

Медиумите веќе почнаа со бројни шпекулации околу новото тренерско име во Реал Мадрид, но фудбалерите на “кралскиот клуб” веќе јасно ставиле до знаење дека му даваат поддршка на актуелниот стратег Карло Анчелоти за да продолжи со работата во најтрофејниот европски клуб.

Бенитез, Клоп и Лев, заедно со Зинедин Зидан, се стратезите што најчесто се споменуваат како можни наследници на Анчелоти, но дел од клучните фудбалери цврсто застанале зад италијанскиот стручњак.

Најдобриот фудбалер Кристијано Роналдо, заедно со лидерот на “шпанското крило” Серхио Рамос, како и Тони Крос и Марсело веќе му ставиле до знаење на претседателот Флорентино Перез дека целосно го поддржуваат Анчелоти, во неформален разговор барајќи од првиот човек на клубот да не врши тренерска смена летово. Во последните денови изјави со поддршка за Анчелоти дадоа и Бејл и уште неколку првотимци, па токму поради тоа мадридските медиуми тврдат дека сега се големи шансите Италијанецот да остане на “Сантијаго Бернабеу”.

Анчелоти има договор со Реал до јуни 2016 година, а неговото евентуално останување би се поклопило со првичниот план на Перез, Италијанецот да остане до крајот на овој договор, а потоа на негово место да дојде Зинедин Зидан.