Митревски реизбран за претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија

Сојузот на синдикатите на Македонија денеска во Охрид на 19-тиот конгрес го избра новото раководство, со реизбор на претседателот Живко Митревски, кој лидерската функција ја извршува од октомври 2010 година, објави МИА.

За изборот на новото раководство гласаа сите присутни 98 делегати од 17 гранкови синдикати.

Во презентирањето на новата програма пред делегатите Митревски меѓу другото истакна дека новото раководство како претставничко тело на работниците во новиот мандат ќе се залага за понатамошно подобрување на социјалната и материјалната положба на работниците и граѓаните, доследно почитување и примена на работничките права на сите нивоа, елиминирање на опасноста од нееднаквост на работниците, елиминирање на разликите во третманот на работниците во приватниот и јавниот сектор, анализа на законите кои предизвикуваат грижа и нерамноправен третман на работниците во приватниот сектор и државната администрација…

– Бараме и натамошно унапредување на социјалниот дијалог и вклученост на синдикатите при подготовка на сите закони за работниците во приватниот и јавниот сектор и безбедни и здрави услови при работа, истакна Митревски.

За активностите на новото раководство тој нагласи дека во наредниот период посебно ќе се фокусира на потпишување колективни договори на сите нивоа, како во малите и средни претпријатија, така и во големите, во приватниот сектор, како за работниците во тој сектор, така и за вработените во јвнито сектор и администрацијата.

–  Бараме одбезбедување сигурни работни места, обезбедување траен работен однос, работа на неопределено работно време како предуслов за мирен и спокоен живот. Сигурни плати за сите работниците, кои ќе обезбедат пристоен живот на работниците и нивните семејства, рече тој.

Во таа смисла укажа дека новото раководство ќе настојува на имплементирање протокол за социјален напредок.

– Имајќи го предвид горенаведеното сите заедно ќе придонесат за изградба на ССМ во модерна современа, демократска организација, препознатлива по синдикалната солидарност, единство и одговорност. Организација која постепено ќе работи на организирање и мобилизирање ново членство, ќе ја редефинира политиката и ќе воведе нови методи и стратегии, процеси на внатрешно интегрирање и јакнење на синергијата и тимската рбота, која ќе обезбеди широка партиципација во донесувањето и креирањето на синдикалните одлуки, политики и цели, додаде новоизбраниот претседател на ССМ.

Притоа за реализирање на сите тие заложби тој укажа на потребата од изградба на синдикат кој ќе биде достапен за секој член, синдикат отворен, препознатлив, безкомпромисен, здружување што ќе негува социјален дијалог, но и синдикални акции.

–  Организација што ќе соработува не само со социјалните партнери, туку и со сите чинители во општеството како невладини организации, млади, студенти, волнонтери, пензионери, синдикат кој ќе биде демократски определен, но и со борбен дух, единствен и солидарен, рече Митревски